Погледајте ги победничките фотографии на „Вики ја сака Земјата 2015“

Првонаградената фотографија за 2015 г. го прикажува Долното Качурско Езеро — популарно туристичко одредиште во националниот парк Централен Каракорум во Скарду, Пакистан. Фото: Zaeemsiddiq, лиценца: CC BY-SA 3.0

Вики ја сака Земјата е натпревар каде учесниците прават фотографии од заштитени предели на природното богатство и ги подигаат на Ризницата. Ова е втора година на одржување на меѓународниот дел од натпреварот кој следи по националните натпревари, кои годинава се одржаа во 26 земји. Меѓународниот избор на фотографии е направен и сега можеме да ви ги претставиме победниците.

Натпреварот има двојна цел. Првата цел е да се исфотографираат што е можно повеќе заштитени предели и добиените слики да се подигнат под слободна содржина. Втората цел е, со овој потфат, да се подигне јавната свест за запазувањето на природните предели и така да се подобри нивната заштита.

Замислата за „Вики ја сака Земјата“ почна во 2013 г во Украина. Во 2014 г. ни се придружија уште 15 земји од четири континенти — Европа, Азија, Африка и Америка.

Во 2015 г. учесниците од сите земји подигнаа вкупно 100.000 слики.

Натпреварот се приредува во голем број земји, каде го водат екипи од месни доброволци. Потоа националните жири-комисии поднесуваат 10 избрани слики за учество во меѓународна конкуренција. Годинава имавме 26 земји-учеснички со вкупно 259 слики. Изборот на меѓународните победници се одвиваше со подување на поднесените слики во неколку етапи со помош на наменска алатка.

Меѓународното жири се состоеше од 9 искусни фотографи на природата од различни земји: Димитро Балховитин (Украина), Метју Бак (Британија), Дитмар Барц (Германија), Валабдул Манем (Египет), Алекс Ванг (САД), Катерина Зарева-Симеонова (Бугарија), Зејнел Џебеџи (Турција), Сузана Планк (Австрија) и Јатин Кришнапа (Индија).

По одредувањето на победничката слика, жирито ги избра и следниве ревијални фотографии.

II место: Поглед на ловорова шума на Мадеира, Португалија. Фото: Jnvalves, лиценца: CC BY-SA 3.0

III место: Козорог (Capra ibex) во националниот парк на венецот Висок Тауерн во Корушка, Австрија. Фото: Bernd Thaller, лиценца: CC-by-SA 3.0

IV место: Цветен пајак (Misumena vatia) со свежо убиена пчела во природниот резерват Братентал кај Гетинген, Долна Саксонија, Германија. Фото: Suhaknoke, лиценца: CC-by-SA 3.0

V место: Пчеларка (Merops apiaster) во националниот парк Ишкел, Тунис. Фото: Elgollimoh, лиценца? CC-by-SA 3.0

VI место: Карпатски биосферен резерват, Закарпатска област, Украина. Фото: Vian, обработка: Iifar, лиценца: CC-by-SA 4.0

VII место: Волајерското Езеро и околината, Корушка, Австрија. Фото: GeKo15, лиценца: CC-by-SA 3.0

VIII место: Корморани на квечерина во Вакаре, Франција. Фото: Ddeveze, лиценца: CC-by-SA 3.0

IX место: Варовнички сталагхмити во провалијата Ањумас, Бразил. Фото: Caio Vilela, лиценца: CC-by-SA 3.0

X место: Поглед на Високите Татри од Спиш, Татрански национален парк, Полска. Фото: Łukasz Śmigasiewicz, лиценца: CC-by-SA 3.0 (pl)

XI место: Розово фламинго (Phoenicopterus roseus) во рамсарското место Тинска Соларница, Тунис. Фото: Elgollimoh, лиценца: CC-by-SA 3.0

XII место: Водопадот во националниот парк Клонг Лан, покраина Кампенг Пет, Тајланд. Фото: Khunkay, лиценца CC-by-SA 3.0

XIII место: Реката Малактин на Големиот Лјаховски Остров, дел од природниот резерват Делта на Лена во Јакутија, Русија. Фото: Boris Solovyev, лиценца: CC-by-SA 3.0

XIV место: Утро во тресетното блато Толкусе, природен резерват Лујтема во округот Перну, Естонија. Фото: Märt Kose, лиценца: CC-by-SA 3.0

XV место: Траги направени од скијачи на снежните падини на планината Баба во националниот парк Пелистер, Македонија. Фото: Ptahhotep, лиценца: CC-by-SA 4.0

Почесен избор: Раѓање на трут на медоносната пчеча (Apis mellifera) во Рибеирао Прето, Бразил. Оваа слика беше високооцената од жирито, но не доби награда бидејќи не е направена во заштитено подрачје. Фото: Jonathan Wilkins, лиценца: CC-by-SA 3.0

Меѓународното жири има направено целосен извештај, каде е објаснета неговата работа и начинот на избирање. Претставен е исходот од натпреварот со коментари од членовите на жирито.

Честитки за победниците и им благодариме на сите што годинава работеа на организирање на натпреварот.

Вира Моторко (WMUA)
Меѓународна екипа на „Вики ја сака Земјата 2015“

Archive notice: This is an archived post from blog.wikimedia.org, which operated under different editorial and content guidelines than Diff.