Фондацијата Викимедија воведува привремени сметки за незачленети (ненајавени) корисници на повеќе викија. Нивните заедници имаат прилика да ги испробаат и да дадат мислења за подобрување на функцијата пред да ги воведеме на сите викија во средината на 2025 г.
На највеќето викија, уредувањата на ненајавени корисници им се припишуваат на IP-адреси користени кога се објавени уредувањата. IP-адреса е единствен број со кој се распознава уред поврзан на интернет. Привремените сметки се нов вид на кориснички сметки присутни на 12 викија, а од следната година, на сите. Тие ќе служат за припишување на нови уредувања на ненајавени корисници наместо со IP-адреси. Но сепак, тие нема да бидат истоветна замена. Како прво, привремените корисници ќе имаат пристап до фунцкии моментално недостапни за ненајавените корисници. Второ, Викимедиините проекти ќе продолжат да користат IP-адреси на ненајавени корисници, и искусните членови на заедницата ќе имаат пристап до нив. Оваа промена особено ги засега ненајавените уредници и секој што користи IP-адреси кога блокира корисници за безбедност на викито.
Ова е првиот од низа написи посветени на привремените сметки. Дава преглед на основните црти на проектот, влијанието врз различни групи корисници и планот и планот за воведување на промената на сите викија. Во следните написи ќе ви дадеме поподробна претстава за тоа како работевме со различни членови на заедницата со напредни технички дозволи. Следејќи го нивниот совет, спроведувањата ги сврзавме со работата на поединечни функции.
Правна потреба од оваа промена
Промените во законите и уредбите за приватноста на интернет итно налагаат зајакнување на заштитата на личните податоци на Викимедиините проекти. За да ја задоволи оваа потреба, Фондацијата Викимедија мора да го смени начинот на кој ненајавените корисници постапуваат со викијата, и како ќе се постапува со нивните лични податоци. Решението е да се воведат привремени сметки — тоа ќе ја подобри приватноста на ненајавените корисници. За да дознаете повеќе за потребата од привремени сметки, погледајте го правниот оддел на нашите ЧПП и новостите за 2021 г. од Правната екипа.
Како работат привремените сметки
Викимедиините проекти дозволуваат секој да уредува, со и без сметка. Ова е едно од нашите темелни начела. Кога се уредува со сметка, уредувањето ѝ се припишува на таа сметка во разни дневници и страници како Скорешни промени или историјата на страницата. Кога се уредува без сметка, уредувањето ѝ се припишува на автосоздадена привремена сметка. Привремената сметка ќе биде направена во име на ненајавениот уредник и ќе трае 90 дена. Сите понатамошни уредувања од истиот уред ќе ѝ се припишуваат на истата привремена сметка.
Името на сметката го следи образецот: ~2024-1234567 (тилда, тековна година, број). Бројот автоматски се зголемува, така што следниот корисник би бил ~2024-1234568 и така натаму. Корисниците не можат да избираат име.
Сметката ќе биде иста дури и ако IP-адресата се смени, освен ако корисникот не ги исчисти колачињата во прелистувачот или користи поинаков уред или прелистувач. Се води евиденција на IP-адреси употребени за секое уредување, и истата се чува 90 дена по уредувањето. Само некои најавени корисници ќе можат да ја гледаат.
Колачето истекува 90 дена по создавањето на сметката. Сите објавени уредувања ќе продолжат да ѝ се припишуваат на нивната сметка, но на корисникот, ако продолжи да уредува ненајавен, ќе му биде доделена нова привремена сметка. Привремените сметки не можат да се претворат во зачленети сметки. За да дознаете повеќе за тоа како работат привремените сметки, погледајте ја нашата помошна страница.
Каде сè се овозможени привремените сметки
Привремените сметки моментално се овозможени на википедиите на игбоански, кантонски, книжевен норвешки, романски, свахили, српски, српскохрватски и холандски, како и на Викиуниверзитет на чешки, Викицитат на италијански, Викикниги на јапонски и Викиречник на персиски.
Што ова значи за различни групи на корисници?
За читатели без сметка на Википедија
За нив ништо не се менува! Ако не уредувате, не сте најавени и просто ја читате Википедија (или ги користите Википодатоци, Ризницата итн..) вие нема да забележите никаква разлика.
За ненајавени уредници
- Ова ја зголемува приватноста: засега, ако не уредувате од зачленета сметка, секој може да ја види IP-адресата на уредувањата што сте ги направиле, дури и по 90 дена. Ова повеќе нема да биде возможно на викијата кајшто се воведени привремените сметки.
- Ако користите привремена сметка да уредување од различни места во изминатите 90 дена (на пример, од дома и во кафетерија), историјата на уредување и IP-адресите на сите тие места сега ќе се заведуваат заедно, за истата привремена сметка. Корисниците што ги задоволуваат условите ќе можат да ги гледаат овие податоци. Ако ова лично ве загрижува во безбедносен поглед, обратете се за совет на
talktohumanrights at wikimedia dot org
.
За членови на заедницата кои општат со ненајавени корисници
- Привремена сметка по природа е врзана за еден уред. За споредба, IP-адресата може да биде заедничка за разни уреди и луѓето (на пр. различни лица во училиште или на работа може да имаат иста IP-адреса).
- Идентитетот на привремениот корисник ќе биде постабилен отколку оној на IP-корисникот. Ако видите нечие уредување и оставите порака во врска со него на неговата разговорна страница, прилично е веројатно дека лицето што го направило уредувањето ќе ја прочита пораката, дури и по извесно време.
- Привремените сметки во некои погледи работат слично на зачленетите сметки. Во иднина за нив може да овозможиме повеќе функции. Како што можете да видите на гореприкажаната екранска снимка, корисниците на привремени сметки ќе можат да добиваат известувања. Ќе биде возможно и да им се заблагодарите за уредувањата, да ги означите (повикате) во разговори, и да ги поканите повеќе да се вклучат во заедницата.
За корисници што користат податоци за IP-адреси за модерирање и идржување на викито
- За патролери кои следат постојани злоупотребувачи, иследуваат прекршоци на правила итн..: Корисниците што ги задоволуваат условите ќе можат да ги откријат IP-адресите на привремени корисници и сите придонеси направени од привремени сметки од дадена IP-адреса или опсег. Ќе имаат пристап и до корисни информации за IP-адресите благодарение на функцијата IP-инфо. Многу други програмски делови се создадени или прилагодени да работат со привремени сметки, вклучувајќи ги Филтерот на злоупотреби, глобалните блокови, Глобалните кориснички придонеси и друго.
- За администратори што блокираат ненајавени уредници:
- Ќе може да се блокираат многу злоупотребувачи со просто блокирање на нивните привремени сметки. Блокирањето лице нема да може бргу да прави нови привремени сметки ако администраторот за избере можноста за автоблокирање.
- Сè уште ќе може да се блокира IP-адреса или IP-опсег.
- Работиме и ќе продолжиме да работиме со други корисници со напредни дозволи како надзорниците. Благодарение на корисните коментари и прашања од овие корисници, ние ги подновивме алатките и ги одредивме роковите на спроведување во склад со тие поднови.
- Привремените сметки нема ретроактивно да се применуваат врз придонеси направени пред нивното воведување. Во Специјална:Придонеси ќе можете да ги гледате постоечките придонеси на IP-корисници, но не и новите придонеси направени од привремени сметки од таа IP-адреса. Наместо тоа, корисниците што ги задоволуваат условите за таа намена ќе треба да се служат со Special:IPContributions.
Кога ќе се воведат привремени сметки на другите викија?
- Како што споменавме, веќе воведовме привремени сметки во првата група на викија. Оваа фаза се нарекува мало пилотно спроведување. Ќе ни помогне да утврдиме евентуални проблеми кои би требало да се решат пред да воведеме привремени сметки на повеќе викија. Ни треба да видиме колку членови на заедницата општат со привремени сметки, дали работат сите постоечки и нови алатки, дали искусните корисници удобно си ги вршат вообичаените задачи итн. Постојано ќе го следиме влијанието на овој проект и повремено ќе го споделуваме во извештаи. Можете да ја гледате јавната страница со податоци и мерила во живо.
- Ако немаме купишта неочекувана работа, тогаш во февруари 2025 г. привремените корисници ќе ги воведеме на поголемите викија. Ова го нарекуваме големо пилотно спроведување. Тука може да влезат најобемните 10 викија кои ќе искажат интерес (пишете ни тука). Но засега не би сакале да ја вклучуваме Википедија на англиски.
- Потоа, кон средината на 2025 г. привремените корисници ќе ги воведеме на сите преостанати викија во еден внимателно усогласен чекор. Потоа ќе бидеме тука за да ви пружаме поддршка, ќе ги надгледуваме мерилата и ќе решаваме проблеми, кога ќе се јават.
Ќе настојуваме благовремено да ги известиме сите што се засегнати. Информациите за привремени сметки ќе бидат достапни на Техничките новости, Diff, други блогови, различни викистраници, разгласи и на други места. На собирите, ние и колегите во наше име ги покануваме присутните да разговараат за овој проект. Покрај тоа, контактираме и со подружници кои имаат програми за поддршка на заедницата.
Претплатете се на нашиот нов билтен за да бидете во тек. За да дознаете повеќе за проектот, погледајте ги ЧПП и последните новости. Разговарајте со нас на нашата проектна страница или вон вики. Се гледаме!
Can you help us translate this article?
In order for this article to reach as many people as possible we would like your help. Can you translate this article to get the message out?
Start translation