Глобални трендови 2025

Translate this post

Секоја година, кога Фондацијата Викимедија го отпочнува планирањето за претстојната година, изготвуваме список на трендови за кои сметаме дека значајно ќе влијаат врз контекстот во кој дејствуваат Викимедииното движење и проекти. Утврдуваме конкретни трендови на семрежјето кои се релевантни на нашата мисија како промените во начинот и местото каде луѓето пребаруваат и создаваат информации, подемот на дезинформации во семрежниот простор и измените во регулативата за семрежните добавувачи на информации. Оваа анализа ни овозможува да почнеме да планираме со водечкото прашање, „Што бара светот од Викимедија сега?“

Ова прашање е движечка сила на разговорите со и во рамките на движењето. Како и изминатите години, долунаведените трендови покажуваат дека денешното технолошко, геополитичко и општествено окружување изгледа многу поинаку од она во основачките денови на Википедија, и дека мора да продолжиме да се прилагодуваме и развиваме. Секој тренд го диктира обликот на нашиот годишен план, како и стратегиите што ја засегаат нашата иднина — од подобра заштита на Викимедијанците со силни технички алатки и мерки за доверба и безбедност во експериментите со нови начини на доставување на Викимедиината содржина за публиката.  

Промени во тоа како и каде луѓето добиваат и создаваат информации

Довербата во информациите на семрежјето е во пад, а консензусот за кои информации се точни и доверливи се распаѓа. Лани забележавме дека потрошувачите се поплавени со информации, и тие сè повеќе бараат насобран преглед од доверливи лица. Со пуштањето на резимињата на Google AI и други пребарувачи со вештачка интелигенција (ВИ), многумина користат вештачки интелигентна помош при пребарувањето на информации. Сепак, ваквото пребарување сè уште ги нема престасано другите начини на добивање информации (на пр. со традиционални пребарувачи или на друштвени платформи). Меѓутоа, трендот кон потпирање на доверливи личности што го забележавме лани е уште посилен годинава: луѓето се сè поскептични кон традиционално меродавните извори на сознанија како владините установи и медиумите, и наместо тоа, се вртат кон сè поголем број на семрежни личности, кои имаат поголемо влијание на она во кое луѓето веруваат. Овие личности (на пр. подкастери, влогери) на друштвени платформи сега имаат поголемо влијание во важни настани како политички избори ширум светот. Приклонувајќи се кон личности кои ја делат нивната идеологија и демографска припадност, луѓето сè повеќе завршуваат во изолирани меури кои го рушат консензусот за фактите

Луѓето желно учествуваат во семрежниот простор на места кои даваат исполнително чувство на поврзаност и припадност. Како мрежно место што зависи од придонесите и времето на стотици илјадници викимедијанци, ние вминателно ги следиме трендовите за каде и како луѓето учествуваат на семрежјето. Лани подвлековме дека луѓето сега имаат многу исполнителни и моќни начини на споделување на знаењето на семрежјето. Годинава забележуваме дека тие желно го споделуваат своето знаење и стручност во помали интересни групи (на платформи како Фејсбук, WhatsApp, Reddit и Discord). Овие простори уживаат сè поголема популарност на глобално ниво и и во нив луѓето се чувствуваат полагодно отколку на пошироките и поопшти друштвени канали. Овие заедници ги одржуваат посветени доброволци, вршејќи клучни задачи како модерација и воведување на новодојденците.

Меѓу младите, играњето игри се учествен простор кој им конкурира на друштвените медиуми. Играчки заедници има на платформите како Discord и Twitch, каде луѓето не само што играат, туку и активно учествуваат и заеднички создаваат – приредувајќи настани или модерирајќи ги корисничките содржии и поведение. Платформите ги користат игрите за да поттикнуваат корисничка вклученост во неповрзани производи, како успешниот и растечки оддел за игри на „Њујорк тајмс“.

Времето кое луѓето го проведуваат на семрежни активности е ограничено, и претпоставуваме дека една од причините за падот во бројноста на новозачленети уредници на Викимедиините проекти – кој започна во 2020-2021 и продолжува до денес – може да се должи на растечката популарност и привлечност на учеството во овие други исполнителни семрежни простори.

Промени во тоа како се рапространуваат и регулираат семрежните информации 

Дигиталните информации што се создаваат и проверуваат од луѓе се највредното средство во војната со технолошките платформи со вештачка интелигенција (ВИ). Лани предвидовме дека ВИ ќе биде искористена за создавање и ширење на дезинформации на семрежјето. Годинава гледаме дека неквалитетните АИ-содржини се штанцаат не само за ширење дезинформации, туку и за збогатување преку ноќ, и истите го преплавуваат семрежјето. Квалитетните веродостојни информации создадени од луѓе станаа оскудни и скапоцени добра за кои технолошките платформи се во трка да ги оберат од семрежјето и да ги распространат со нови пребарувачки искуства (како ВИ, така и традиционални пребарувања) на нивните платформи. Издавачите на човечки создадени содржини во разни полиња (на пример, многу од крупните новински и медумски претпријатија ширум светот) се справуваат со овој проблем со склучување на договори за лиценцирање на содржините помеѓу нив и ВИ-претпријатијата, и воведување на наплатен пристап со цел да се заштитат од злоупотреба на нивните содржини. Овие ограничувања уште повеќе ја намалуваат достапноста на слободни и квалитетни информации за општата јавност.

Потешкотиите поврзани со неутрални и проверливи информации се закана за пристапот до проектите за знаење и нивните учесници. Лани нагласивме дека регулативите на светско ниво претставуваат предизвик и прилика за семрежните проекти за споделување на информации кои се разликуваат од земја до земја. Годинава предизвиците за споделување на проверени неутрални информации значително се зголемија. Јавниот консензус за смислата на концептите како „факти“ и „неутралност“ сè повеќе се фрагментира и политизира. Групите од посебен интерес, влијателните личности и некои влади го поткопуваат кредибилитетот на семрежните извори со кои не се сложуваат. Други пак, се обидуваат да ги замолчат изворите на информации со злонамерни парници.

Растечкиот број на закони низ светот кои имаат за цел да ги регулираат семрежните технолошки платформи не оставаат простор за непрофитни платформи кои постојат за јавениот интерес, како што се иницијативите за отворен извор, знаење преку набавка од мноштво и складишта на културно наследство и семрежни архиви. Регулативата по една мера за сите може да ја загрози приватноста на учесникот и публиката на тие платформи, и да ги изложи на опасност содржините на заедницата и практиките на модерација. На пример, законите што наложуваат проверка на идентитетот и следењето на дејствата на посетителите или учесниците можат да ја загрозат приватноста на луѓето и безбедноста во пристапот до и споделувањето на информации. Регулативите што бараат од платформите итно отстранување на содржини етикетирани како дезинформација се спротивставени на вградените безбедносни мерки на платформите што работат по пат на консензус во заедницата, и оние што даваат предност на точноста наместо на добивката. 

Што е следно и како да учествувате во разговорот

Како и со нашите минати известувања за трендовите, ова не е исцрпен список на закани и прилики со кои се соочува нашето движење, туку само начин да почнеме да разговараме и да постигнеме согласност за тоа што на светот му треба од нас сега, кога почнуваме да ја планираме следната финансиска година. Во изминатите месеци од оваа година, главниот раководител за производи и технологија Селена Декелман ја покани нашата глобална заедница да се изјасни кои трендови и промени ги смета за најважни – ви предлагаме да ја продолжите дискусијата на оваа разговорна страница. Во текот на претстојните месеци Фондацијата Викимедија ќе го објави нацрт-годишниот план во кој ќе биде претставена предложената работа за претстојната година во одговор на овие трендови. Некои од работите веќе се во тек; на пример, за да се справиме со намалениот број на нови уредници, додаваме нови видови на „проверки на уредувањата“, интелигентни работни текови кои ги олеснуваат конструктивните мобилни уредувања за новодојденците и ги подобруваат изгледите истите да продолжат со учество. Со нетрпение очекуваме нови разговори во заедницата околу тоа како да овозможиме заштита и раст на нашите проекти за слободно знаење во оваа променлива општествено-технолошка средина.

Can you help us translate this article?

In order for this article to reach as many people as possible we would like your help. Can you translate this article to get the message out?

Notify of
0 Comments
Inline Feedbacks
View all comments